Кошаркарите од Виена го започнуваат патот кон Евробаскетот

По слободното прво коло, машката сениорска репрезентација на Македонија квалификацискиот циклус во втората рунда од претквалификациите за пласман на Европското првенство 2029 ќе го започне на 30 август, кога ќе гостува кај Австрија.

Натпреварот ќе се одигра во Виена со почеток од 16:05 часот во „Спорт Арена Виена“ и ќе претставува прв сериозен тест за избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал во битката за првото место во групата „Ф“, во која се наоѓа и селекцијата на Кипар.

Последните меѓусебни дуели на Австрија и Македонија датираат од квалификациите за Европското првенство во 2005 година, кога Македонија забележа две убедливи победи, 101-75 на гостински терен и 99-62 пред домашната публика.

Во претходниот квалификациски циклус Австрија настапуваше во квалификациите за Светското првенство, каде се соочи со силна конкуренција (Летонија, Холандија, Полска) кои ги заврши со скор (1-5). По завршувањето на тие квалификации, Австријците се приклучија во втората рунда од претквалификациите за Евробаскетот и важат за еден од главните конкуренти на Македонија во борбата за првото место во групата.

Македонија во втората рунда влегува со максимален ефект од првата фаза, откако го освои првото место во својата група со шест победи во исто толку натпревари. Избраниците на Берокал одиграа сигурен квалификациски циклус и заслужено обезбедија место меѓу 12. селекции кои ќе се борат за четирите места што водат во главните квалификации за Европското првенство 2029.