• Мартин Танасковски

Кошаркарската репрезентација на Македонија повторно е заедно. Кошаркарите по крајот на клупските обврски и Куповите во земјите се ставија на располагање на националниот тим за последните две средби од квалификациите за Европското првенство (ЕП).
Селекторот Александар Јончевски за првпат на овој собир ќе ги има на располагање двете најголеми ѕвезди во мак-баскетот во моментов, тоа се Ти-Џеј Шортс од Париз и Ненад Димитријевиќ од Олимпија Милано. Плејмејкерите ќе бидат главен адут на Македонија во нападот на Естонија на гости и Полска на домашен терен.
Останатите имиња се домашни, од претходно стандардните ќе ги нема Адем Мекиќ и Дамјан Стојановски, а тука се Војдан Стојановски, Андреј Магдевски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Марин Петков, Стојан Ѓуроски, Дамјан Робев, Виктор Ефремовски, Андреј Шошкиќ, Тео Симиќ, Страхил Николов, Лејсон Зекири.
Репрезентацијата ќе тренира неколку дена во Скопје, а потоа заминува за Талин каде на 21 февруари ќе го одигра претпоследниот натпревар за овој квалификациски циклус. Три дена подоцна, на 24 февруари (понеделник) ќе ја пречекаме Полска во Скопје. Натпреварот против Полска ќе се одигра во СРЦ Кале, со почеток во 18:30 часот.
На Македонија потребни ѝ се две победи на овие две средби, со тоа што во последното коло Естонија мора да изгуби од Литванија.