• Мартин Танасковски
Кошаркарската репрезентација на Македонија до 20 години го доживеа вториот пораз на Европското првенство (ЕП) Б-дивизија кое се игра во Ереван, Ерменија. Тимот загуби од Австрија, која беше подобра со резултат 58-79 во рамки на 2. коло.
Двете селекции тргнаа конфузно и се правеа многу грешки, а тоа донесе мал број на постигнати поени. И Македонија и Австрија имаа проблеми во шутот за три, погодија по една тројка од по 13 обиди во цело полувреме.
На паузата, резултатот гласеше 30-21 за Австријците, пред се заради повеќето слободни фрлања и повеќе погодени „пенали“ во втората четвртина. Ривалот имаше три пати повеќе слободни од нашиот национален тим. Главната разлика се направи во третиот квартал, во кој Австрија избега на високи 60-42, недостижни за избраниците на Горан Самарџиев.
Најдобар стрелец кај Македонија беше Стефан Стојковиќ со дабл-дабл учинок од 15 поени и 12 скока, а го следеше Марко Луканоски со 14 поени и девет скока. Кај Австрија, се истакна Омер Суљановиќ со 19 поени, а Фин Шот имаше 10 поени и 17 скока.
Во следното коло на ЕП Б-дивизија во Ерменија, нашите кошаркари ќе се соочат со Грузија. Мечот е закажан на 13 јули од 14:00 часот.
