Кошаркар со големо НБА искуство го засилува хитот во Евролигата

По историската сезона во која Валенсија стигна до завршницата на Евролигата и ја освои титулата во домашното првенство, клубот продолжува да гради амбициозен тим и покрај заминувањето на дел од клучните играчи и тренерот Педро Мартинез.

Навивачите останаа верни на клубот, а сезонските билети се практично распродадени, што гарантира полни трибини на сите натпревари. 

Според шпанските медиуми, следното големо засилување ќе биде Трендон Вотфорд, поранешниот крилен кошаркар на Филаделфија 76ерс.

25-годишниот Американец е слободен агент по завршувањето на сезоната и веќе е во преговори со Валенсија. Во НБА кариерата настапуваше за Портланд, Бруклин и Филаделфија, со просек од 7,6 поени и 3,6 скокови по натпревар.

Минатата сезона Вотфорд бележеше 6,5 поени за околу 16 минути на паркетот, а најдобрата партија ја имаше против Торонто, кога запиша 20 поени, 17 скокови и 10 асистенции.