Коронавирусот ја остави Македонија без кошаркарско ЕП во 2020 година

Бордот на ФИБА Европа донесе одлука да ги одложи сите младински Европски првенства и сите кошаркарски активности кои беа закажани во текот на претстојното лето.

Од одлуката зафатена и Македонија, затоа што нашата држава требаше да биде домаќин на Европското првенство (ЕП) А-дивизија за кошаркари до 16 години. Истото требаше да се одигра од 14 до 22 август во Скопје.

Поништувањето на настаните би значело дека на сите домаќини во 2020 година ќе им се овозможи приоритет да бидат домаќини на истите турнири во 2021 година, доколку сакаат да го сторат тоа. Во спротивно, ќе биде обновена постапката за кандидатура за организација, во текот на есента 2020 година.

Регистрациите за сите младински европски првенства ќе се одвиваат нормално за 2021 година, бидејќи националните федерации ќе регистрираат тимови засновани врз јачината на соодветните генерации и финансиската состојба.