• Саше Љолес

Комесарот на НБА лигата, Адам Силвер, во разговор со американските медиуми повторно се осврна на идејата за формирање на таканаречена „Европска лига“ во која би учествувале и неколку НБА екипи.
Според Силвер, ова натпреварување би било независно од НБА лигата, а интересот на стариот континент за такво нешто е огромен и затоа ја поддржува оваа навидум неверојатна идеја.
„Разговараме за натпреварување независно од НБА лигата. Тоа би била таканаречена Европска Лига, чиј облик и формат треба допрва да се утврди. Сите страни се расположени за соработка, но мора да бидеме внимателни и правилно да ги одбереме најдобрите опции.
Можеме да придонесеме за развојот на овој спорт, а тоа е секогаш од големо значење. Слично како во Африка, може да биде независна лига во партнерство со ФИБА и НБА.
Тргнуваме заедно во овој проект и нема да го најавиме до моментот кога ќе бидеме сигурни во тоа што го правиме. Многу работи ќе станат појасни во следните два месеци“, изјави Силвер.
Идејата за „Европската лига“ е поддржана од многу навивачи во Европа, но нејзиното организирање мора да мине низ сложен и строго дефиниран процес. Дел од НБА екипите најавија дека не би сакале да патуваат далеку за да играат мечеви, најмногу поради густиот распоред во нивното натпреварување.