Кочов: Вративме со трофеј на сите критики оваа сезона!

Ѓорѓи Кочов ја освои првата титула во домашниот шампионат како тренер на МЗТ Скопје. Аеродромци беа убедливи во финалето, со три победи на три меча го детронизираа Работнички, а по дуелот во „Јане Сандански“, младиот тренер не ги криеше емоциите.

„Да бидам искрен, натпреварот како да го прославивме како победен уште во првата четвртина и сите мисли беа како да ќе го освоивме трофејот. Ова ми е прв трофеј во сениорска конкуренција, им честитам на момците, мислам дека заслужено славиме. Голема благодарност до управата на чело со Тони Грнчаров кој веруваше од самиот старт во мене и покрај сите критики. Вративме на добар начин. Имавме напорна сезона, со 75 натпревари. За малку не дојдовме до АБА-1, Купот не сакам да го споменувам, знаеме како мина тој дуел за нас. Горд сум на овие играчи за се што минавме оваа сезона

Претходниот тренер Жељко Лукајиќ даде препорака за мене по заминувањето. Тоа беше дел по кој јас добив шанса да го водам МЗТ. Голема благодарност до Јанко Луковски, мојот добар пријател, кој на психолошки план ме креваше со неговото искуство. Дома сакаме вакви успеси, но мора да гледаме и надвор да ги повторуваме. МЗТ беше единствен репрезент со Блокотехна надвор од границите. Имавме добра сезона во АБА-2 и ја претставивме македонската кошарка добро каде и да игравме. Благодарност до мојот стручен штаб и лекарскиот тим, со цела управа, администрација и играчи.“, изјави Кочов.

МЗТ Скопје се врати на кошаркарскиот трон по едногодишна пауза и ја освои седмата титула во својата историја.