Кочов: Во редовите имам искусни кошаркари, затоа притисокот не смее да ни е изговор

Македонскиот претставник во АБА2 лигата, МЗТ Скопје забележа нов неуспех во финалната серија со Приморска, откако синоќа беше поразен со убедливи 95-72 за водство на словенечката екипа до 2-0. 

По мечот стратегот на аеродромци спортски го призна поразот и го искажа своето незадоволство од одиграната партија на своите избраници. 

„Честитки на противникот за победата. Вечерва имавме иста приказна како на претходниот меч. Првото полувреме го одигравме коректно, но во тие две-три минути во кои имавме пад во одбраната домаќините стигнаа до десет поени предност. Во продолжение се обидовме да се вратиме, но не успеавме во тоа. Игравме непрепознатливо. Во нашите редови има искусни кошаркари и затоа притисокот никако не смее да ни биде изговор“, истакна Кочов.

Третиот натпревар, кој може да биде и последен доколку кошаркарите на МЗТ Скопје загубат на свој терен, закажан е за 4 април.