Кочов: Се надевам дека на ова дерби среќата ќе е на наша страна!

МЗТ Скопје по настапите во АБА-2 лигата повторно се фокусира на домашниот предизвик и го чека дуел со градскиот ривал Работнички.

„Вечното дерби“ е мотивација за цел Аеродром, силно се посакува победа, став кој го дели и тренерот Ѓорѓи Кочов и покрај тешкото и долго патување до Сутјеска.

„Дуелот со Работнички доаѓа во лош момент, по пораз во АБА-2 лигата и долг пат до Сутјеска. Немавме време за одмор, но дербито е мотивација за секого и ќе мора да стегнеме заби. Помотивираниот тим на паркетот ќе дојде до победата, Работнички е поискусен тим, долго време се заедно, игра на домашен терен. На минатите мечеви одлучуваше една топка, се надевам дека среќата сега ќе се сврти на наша страна“, изјави Кочов.

Во меѓусебните пресметки на МЗТ Скопје и Работнички, поуспешни се центарци, со скор 87-55. Дербито кое е 143. на програмата се игра во салата „Градски парк“ од 17:30 часот.