Кочов претпазлив: Работнички има најискусен состав во лигата

Шеснаесеттото коло од Првата лига го носи и најголемото дерби во македонската кошарка. Попладнево во СЦ „Јане Сандански“ во улога на домаќин, ќе биде МЗТ Скопје Аеродром, а дуелот ќе се игра без присуство на публика.

Паузата „предизвикана“ со февруарскиот„прозорец“ на ФИБА, односно одигрување на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2021, важеше многу повеќе за  кошаркарите на Работнички. Без ниту еден актуелен репрезентативец, „црвено-белите“ можеа да тренираат во полн состав. Згора на тоа и направија малку промени во играчкиот ростер. Во „Градски парк“ повеќе не е Горан Главчев (ја прифати понудата за премин во Академија ФМП), а ново име во тимот на Димитар Мираковски е српскиот интернационалец, Стефан Балмазовиќ.

Од друга страна, една комплетна петорка на МЗТ Скопје, со се првиот тренер, Ѓорѓи Кочов, беше ставена на располагање на нашиот национален тим за дуелите со Естонија и со Русија. Многу помал простор за маневар на „металците“ и подготовка за овој дуел, 151. по ред во историјата.

„Во моментов Работнички можеби има најкомплетен и најискусен состав во нашата лига, а и играат се подобро. Ова нема да биде дерби како останатите, бидејќи ќе биде одиграно пред празни трибини.

На овој меч нивна најголема предност ќе биде тоа што имаа три недели да се подготвуваат за овие 40.минути, наспроти нас, кои за тоа имаме само еден ден. Но, нема да ’плачеме’, играме дома, и очекувам сосема различна спремност за борба на нашиот тим за разлика од онаа од пред два дена. Очекувам секој играч кој ќе влезе во игра да се бори максимално, за секој сантиметар од паркетот“, рече тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.

„Сино-белите“ од Аеродром веќе одработија и еден натпревар од АБА 2 лигата (против Динамик), на кој отсуствуваше еден од стартерите, Бојан Крстевски. Во овие неколку дена репрезентативното крило ги надмина здравствените проблеми и најверојатно ќе му се стави на располагање на Кочов за дербито кое овојпат носи и битка за првото место на табелата во пресрет на новата суперлигашка фаза во шампионатот.