Кочов: Ништо не е готово, нѐ чека тешка битка за титула во Аеродром!

Ѓорѓи Кочов, стратегот на МЗТ Скопје е задоволен од втората победа над Работнички во финалето и фактот дека „штрковите“ се пред титулата во македонскиот шампионат, меѓутоа вели дека ништо не е готово и дека мора да се остане фокусиран се додека се дојде до третата победа.

„Влеговме во грч, промашивме отворени шутеви. Имавме нервоза, го знаевме значењето на овој меч. Работнички влезе растеретено, но последните четири до пет минути го реши натпреварот. Дамјан одигра одлично, но тоа за мене не е изненадувачки. Јас тоа го очекувам од сите. Мора да го пофалам тимот, затоа што сите имаат заслуга за оваа победа, од тие на терен, до оние што беа на клупа. Меѓутоа ништо не е готово, не чека уште една тешка битка пред нашата публика која воопшто нема да биде лесна“, изјави Кочов.

МЗТ Скопје и Работнички ја селат финалната серија во Аеродром, а натпреварот се игра в четврток. Доколку МЗТ победи, тогаш „штрковите“ ќе ја вратат титулата во своите витрини.