Кочов: Не е лесно од „плус 13“ да дојдеш во ситуација да одлучуваш...

Ѓорѓи Кочов, стратегот на МЗТ Скопје, го коментира дуелот против Работнички во кој неговиот тим дојде до победа (82-84) во рамки на регионалната АБА-2 лига. Актуелниот македонски шампион забележа триумф во финишот, поради две грешки во нападите на центарци.

„Мислам дека ова беше еден добар меч, дерби македонско во АБА-2 лигата. Можам да бидам задоволен од голем дел од натпреварот. Добро е што победивме, ќе беше штета затоа што имавме контрола на игра повеќе од 30 минути. Честитки за моите играчи, ова ни беше прв меч во месец дена, не е лесно да водиш 13 разлика и да дојдеш во ситуација да одлучуваш. Тоа ме радува. Честитки и за Работнички за одиграниот натпревар“, изјави Кочов.

Ова беше прва пресметка на македонските екипи надвор од домашното натпреварување по подолго време. Од досегашните одиграни осум средби во АБА-2, МЗТ котира подобро од Работнички. Аеродромци се наоѓаат на петтото место со скор 5-3, додека Работнички има скор 2-6 и е претпоследен.