Кочов: МЗТ е клуб со високи амбиции, не смееме вака да изгледаме на терен

Македонскиот претставник во АБА2 лигата, МЗТ Скопје не успеа да се избори за втората позиција на табелата која носи домашен дуел во евентуалната полуфинална „мајсторка“. Аеродромци синоќа го загубија клучниот меч на гостувањето кај Сутјеска (91-79), и како третопласирани го завршија регуларниот дел од сезоната. 

Стратегот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов спортски го призна поразот и истакна дека неговите момци не смеат вака изгледаат на терен, бидејќи клубот има високи амбиции. 

„Честитки до противникот. Ние одигравме лош натпревар, немавме решение за нивниот напад и заслужено загубивме. МЗТ не треба да изгледа вака, бидејќи има големи амбиции. Сутјеска нè надигра во секој сегмент и тоа ме загрижува“, рече Кочов.  

Во полуфиналето, МЗТ Скопје ќе се судри со босанскиот преставник Спарс. Првиот меч се игра во Босна на 20 март, а четири дена подоцна е закажан реванш мечот во Скопје. Доколку е потребна „мајсторка“, истата ќе се одигра во Сараево на 28 март.