Кочов: Ќе се обидеме да ѝ се реваншираме на Приморска во вториот меч

МЗТ Скопје ја отвори финалната серија во АБА-2 со висок пораз од КК Приморска, а тренерот Ѓорѓи Кочов не може да биде задоволен од изданието на својот тим. Аеродромци примија над 90 поени на мечот, а по средбата, предводникот на „штрковите“ им ја честита победата на домаќините и истовремено најави дека МЗТ ќе се обиде да изненади во вториот меч на гости.

„Честитки до тимот на Приморска за комплетно заслужената победа. Противникот беше подобар во сите сегмети на играта. Имаше одличен процент на реализација, играше добра кошарка и имаше агресивна одбрана. Иако немаме многу време, ќе се обидеме да се подготвиме добро за наредната средба и да победиме“, изјави Кочов.

Вториот натпревар меѓу Приморска и МЗТ Скопје е закажан утревечер од 20:00 часот. Потоа, финалната серија која се игра до три добиени меча се сели во Скопје, каде во СЦ „Јане Сандански“ се предвидени два меча.