Кочов: Дербито беше одлично, добро е што му вративме на Работнички

МЗТ Скопје успеа да слави во Градски парк над лутиот ривал Работнички (70-74), а по натпреварот, стратегот на аеродромци, Ѓорѓи Кочов, беше задоволен од прикажаното.

Предводникот на МЗТ истакна дека неговите кошаркари дошле до голем триумф, но има мала замерка и потенцира дека дуелот морало да биде завршен неколку минути пред финишот, поради високата позитива во дербито што ја имаа „штрковите“.

„Драго ми е што игравме дерби-дуел во убава атмосфера, тоа е добро за кошарката, затоа што преку ривалитетот на МЗТ и Работнички може истата да ја популализираме во Македонија. Честитки за победата до моите играчи, беше тешко, можевме порано да го завршиме мечот, но видовме што се случи. Добро е што му вративме на Работнички. Тешко беше да се ротираат и вклопат играчите со домашното правило, посебно што немаме домашен висок играч. Мислам дека кога ќе дојде вториот дел од сезоната, оваа екипа ќе изгледа подобро. Бевме подобри во текот на целиот натпревар, тоа е мое видување, но како и секое дерби и ова беше на една топка. Работнички одигра одличен натпревар“, изјави Кочов.

Тренерот на МЗТ ја прокоментира и играта на Предраг Самарџиски, кој ја одигра најдобрата партија во старо-новиот клуб, со 16 поени и 16 скока.

„Сите играчи знаат добро дека ако тренираат, ќе добиваат шанса. Самарџиски претходно имаше партии под своите можности, но со ова денес, ни заврши одлична работа. Посебно што Младеновски ни беше повреден. Имавме добра игра под обрачите благодарение на него“, дециден е тренерот на МЗТ.

За МЗТ ова беше 14. триумф сезонава, додека Работнички го почувствува вториот пораз и загуби првпат во „Градски парк“ по 22 месеци.