Кметовска: Првата цел е исполнета, но пред нас се уште пет натпревари

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија в сабота ќе ја дочека Грција во вториот натпревар од квалификацискиот циклус за Европското првенство. 

По победата над Данска тимот на Александар Ашаданов немаше премногу време за подготовка на следниот меч. Токму тоа го нагласи и Ивана Кметовска, која беше една од лидерките на тимот против Данките. 

„Првата цел ја остваривме, но не застануваме тука. Пред нас имаме уште пет натпревари во кои сакаме да реализираме уште некоја победа. Имаме кратко време за некои подетални анализи. Сепак, се запознавме со нивната игра која ја прикажаа на средбата со Хрватска, која ја загубија пред својата публика. Значи ќе бидат уште помотивирани на утрешниот меч. Не менуваме ништо во пристапот, знаеме колку можеме. Ќе се обидеме да одиграме уште поцврсто, особено во одбраната, затоа што против нас ќе имаме доста искусни кошаркарки како Спаноу и Фасула, кои заедно со Кристинаки се носителите на играта на противничката селекција“, изјави Кметовска.

Натпреварот меѓу Македонија и Грција се игра во СРЦ „Кале“ в сабота во терминот од 18:00 часот.