Клучна разврска во Евролигата, кој ќе обезбеди место на Ф4 турнирот?

Евролига Ф4

ЦСКА Москва засега е единствниот познат учесник на завршниот турнир во Евролигата. Вечерва ќе биде комплетирана „четворката“, откако ќе се одиграат одлучувачките натпревари во три четвртфинални судири.

Барселона, Анадолу Ефес и Милано ќе се обидат да го искористат домашниот терен за да ги елиминираат Зенит, Реал Мадрид и Баерн Минхен. Први на теренот ќе истрчаат Ефес и Реал во 18:45 часот. Турскиот претставник дозволи два големи пресврти на мадриѓани и ги остави „живи“ во борбата за Ф4 турнирот.

Потоа следува дуелот во Милано на кој италијанскиот клуб ќе брка трет триумф над Баерн. Традицијата кога играат овие две екипи вели дека домашниот терен игра важна улога кога е во прашање конечниот резултат.

На крај Барселона ќе биде домаќин на Зенит во обид да ја спаси европската сезона. Ѕвездениот тим на Јасикевичиус ќе доживее голем удар, доколку дозволи елиминација во пресрет на завршницата во Евролигата.

Новиот шампион ќе биде познат по турнирот кој ќе се одигра на крајот од овој месец (28-30 мај), во „Ланксес Арена“ во Келн.