Клубот пред сѐ: Џентлменски потег на легендата Тони Паркер!

Тони Паркер направи голема жртва за својот Асвел. Француската кошаркарска легенда прифати драстично намалување на платата за клубот полесно да се справи со финансиските проблеми и да го задржи планираниот стручен штаб.

Паркер првично требаше да заработува повеќе од 1,2 милиони евра, но ситуацијата во клубот го натера да направи сериозен финансиски отстап. Како што откри самиот, платата ја намалил дури пет пати, па сега ќе добива околу 240.000 евра.

„Важно ми беше целиот стручен штаб да остане тука. Тие не треба да страдаат поради тоа што се случи“, изјави Паркер. 

Асвел летово имаше големи планови и договори неколку квалитетни кошаркари, меѓу кои Силвен Франсиско, Армони Брукс, Даниел Тајс, Ник Вејлер-Баб, Џоел Боломбој и Пети Милс.

Сепак, по намалувањето на буџетот, клубот мораше да направи промени. На крајот во Вилербан останаа само Боломбој и Милс.

Франсиско потпиша со Панатинаикос, Тајс се пресели во Макаби Тел Авив, додека Брукс замина на позајмица во Валенсија. На позајмица ќе игра и Вејлер-Баб, кој следната сезона ќе го носи дресот на Црвена Звезда.