Уште еден Македонец ќе игра во Евролигата!?

Сè почесто се зборува за можноста Наполи да стане дел од проширената Евролигата, а последните случувања дополнително ги засилија шпекулациите дека италијанскиот клуб би можел да добие место во елитното европско натпреварување.

Фактот што клучниот состанок за иднината на Евролигата ќе се одржи во Италија се гледа како уште еден чекор кон посилно присуство на ова натпреварување на италијанскиот пазар. Наполи уште во август доби „зелено светло“ за приклучување кон Евролигата. Тоа не значеше автоматски дека клубот ќе стане дел од елитата, но значително ја зголеми неговата можност да го оствари тоа што до неодамна изгледаше тешко достижно.

Големо влијание врз идниот формат ќе има и договорот меѓу Евролигата и НБА, односно начинот на кој ќе се развива идејата за НБА Европа. Без оглед на тоа која опција ќе преовладее, Наполи веќе прави планови за настап на највисоко ниво. Амбициите ги потврди и сопственикот на клубот, Мет Ричета, кој најави дека Наполи ќе добие голема сала, независно од тоа дали во иднина ќе биде дел од Евролигата или од проектот НБА Европа.

Клубот од Неапол паралелно работи на своето место во европската кошарка и на инфраструктурата потребна за реализација на големите планови, а навивачите се пресреќни и го очекуваат почетокот на новата авантура. 

Во екипата на Наполи, игра македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски.