ВИДЕО: Кливленд одигра монструозен меч, „метла“ за Мајами во плеј-офот

Кошаркарите на Кливленд Кавалирс одиграа неверојатен натпревар на Флорида и го декласираа тимот на Мајами Хит со 83-138 за заверка на четвртфиналето во НБА лигата. Немаа сили „жешките“ да парираат против фаворитот во оваа серија и добија „метла“ во само четири натпревари. 

  • Мајами Хит - Кливленд Кавалирс:

Овој последниот пред домашна публика беше најкатастрофален за Мајами. Кливленд во целост го надигра ривалот и го доби дуелот со огромни 55 разлика, а во еден момент водеше и со вртоглави „плус 60“. Резигнираниот домаќин беше разбиен уште во првата четвртина и веќе во првиот дел на момент губеше со 45 разлика, па продолжението беше само формалност. 

Интересно, најефикасен играч на мечот беше Никола Јовиќ со 24 поени на своето конто. Во таборот на Кливленд, пак, се истакнаа Мичел со 22, Хантер со 19, Џероум со 18, Мобли со 17 поени...

Тесна домашна победа извојува Голден Стејт во дуелот со Хјустон (109-108). Вориорси не дозволија изненадување и го одбранија својот терен, па се на чекор до следната плеј-оф рунда. Рокетси успеаја да го задржат Стеф Кари на „само“ 17 поени, ама затоа Батлер уфрли 27 и Подзиемски заврши со 26 поени. Во таборот на поразените најефикасен беше Шенгун со 31 поен, на кои надоврза и 10 скока.