ВИДЕО: Кливленд настрада од Кари, Браун со „40-ка“ за НБА-шампионот

Голден Стејт Вориорс славеше кај Кливленд Кавалирс (101-119), врза четврта победа во низа во НБА-лигата и ја продолжува битката за едно од местата кои водат во разигрувањето и нокаут-фазата.

„Воините“ до посакуваната победа дојдоа со пресврт, откако мечот го отворија лошо и губеа со 17-6. На триумфот кумуваше феноменалниот Стеф Кари, кој натпреварот го заврши со 33 постигнати поени, пет асистенции и четири скока, па стана првиот играч на Голден Стејт во историјата со 30+ поени на девет натпревари во низа.

Добрата партија на Кари не успеа да ја неутрализира Колин Секстон кој заврши со 30 поени. Поддршка на шутерот во победата на Голден Стејт му беше Вигинс со 23 поени.

Бостон Селтикс гостуваше кај шампионот ЛА Лејкерс во „Стејплс Центар“ и очекувано дојде до победа (113-121). „Зелените“ го надиграа тимот од Лос Анџелес кој беше доста ослабен поради отсуството на главните ѕвезди, а прва виолина беше Џејлин Браун со феноменална шутерска партија и 40 постигнати поени.

На останатите натпревари, Милвоки Бакс воден од повратникот Јанис Антетокумбо славеше кај Атланта Хокс (109-120), а Феникс Санс на домашен терен беше подобар од Сакраменто Кингс (122-114).

Најнови вести од
НБА, САД