ВИДЕО: Кливленд демонстрира сила во Мајами и е на чекор до четвртфинале!

Кошаркарите на Кливленд Кавалирс стигнаа до трета победа во осминафиналната серија со Мајами Хит (87-124) и се на чекор до следната рунда во плеј-офот на НБА лигата. 

  • Извештај од натпреварот: 

Ниту преселбата на серијата во својот дом во Мајами не му помогна на овој тим. Напротив, Кливленд ја забележа најубедливата победа досега во серијата од огромни 37 поени разлика. 

Интересно, подобар старт на натпреварот имаше Мајами. Поведоа „жешките“ со 12-4 и 15-6, меѓутоа тука гостинот влезе во серија од 0-18. До крајот на четвртината Кливленд успеа и двоцифрено да поведе (20-33). Продолжи гостинот да гради предност во вториот период, предноста се зголеми и на пауза меѓу полувремињата се замина со 42-62. 

Се одржа Мајами на сличен дефицит во третата четвртина, а потоа во последната имаше посериозен пад. Кавалирси играа сè подобро, ги казнуваа сите грешки и во завршницата стекнаа огромна предност. Највисокото водство беше 40 разлика (84-124), а до крајот Мајами погоди уште една тројка. 

Бем Адебајо беше најдобар во таборот на Мајами со 22 поени и 9 скока. Ист учинок имаше и Ален од Кливленд, ама во овој тим 21 поен уфрли Хантер, 19 Мобли и 18 Штрус, додека двоцифрени со по 13 поени беа Џером и Мичел.