ВИДЕО: Клебер „ја победи сирената“, Далас слави во драмата со Лејкерси

Пресметката меѓу Лос Анџелес Лејкерси и Далас Маверикс заврши со неверојатна драма и победа на гостинската екипа (110-111). Иако на средбата во „Крипто.ком“ не настапија првите ѕвезди на двата тима, Леброн Џејмс и Лука Дончиќ, нивните соиграчи приредија спектакл. Во целосно изедначен натпревар со доста пресврти, Мавси славеа на „луд“ начин. 

  • ЛА Лејкерс - Далас Маверикс:

Низ текот на натпреварот, двете екипи имаа свои добри и лоши периоди, па тоа доведе до доста промени во резултатот. Во клучните моменти, на самиот крај, Лејкерси имаа каква-таква контрола и константно водеа. Сепак, не успеаја да се одлепат пред ривалот и дозволија да бидат во ризик. Последниот напад беше за Далас кој имаше „минус два“. Лејкерси направија двоен блок на Кајри Ирвинг, а го подзаборавија Максимилијан Клебер кој доби топка и даде тројка за победа. Најефикасен играч на мечот беше Ирвинг со 38 поени, а „дабл-дабл“ забележа Ентони Дејвис со 26 поени и десет скока.

На останатите терени шампионот Голден Стејт падна во Атланта (127-119), Кливленд беше подобар од Вашингтон (117-94), Чикаго по продолжение ја совлада Минесота (139-131), Хјустон триумфира против Њу Орлеанс (114-112). Гостински славја запишаа Филаделфија кај Шарлот (82-121) и Бостон во Портланд (112-126).