Класична доминација, Реал Мадрид со „метла“ до нова титула во Шпанија!

Кошаркарите на Реал Мадрид ја освоија шампионската титула во Шпанија, откако со „метла“ ја исчистија екипата на Мурсија и славеа во третиот натпревар од финалната серија со 84-73. 

„Кралскиот клуб“ не дозволи никакво изненадување и комплетно ја оправда фаворитската улога, не препуштајќи му на ривалот ниту еден добиен меч во финалето. Ова е вкупно 37. титула за Реал Мадрид, кој сезонава доминираше во шпанското првенство и го минаа плеј-офот со максимални 8-0 во победи. 

Најефикасен кошаркар кај Реал беше Џанан Муса со 18 поени (МВП на финалето), а Марио Хезоња додаде еден помалку. Во редовите на Мурсија, најдобар поединец беше Дилан Енис со 18 поени. „Кралевите“ сезонава ги освоија трите трофеи во шпанската кошарка (Ендеса лигата, Купот на Кралот и Суперкупот).