• Саше Љолес
Кошаркарските клубови Дубаи и Војводина постигнаа договор за соработка, а српскиот клуб во периодот што следи би требало да стане еден од главните партнери на актуелниот шампион во АБА лигата.
Информацијата ја потврди генералниот менаџер на Дубаи, Дејан Камењашевиќ, кој откри дека главната идеја е развој на млади кошаркари, но и помош за Војводина во спортскиот и организацискиот дел.
„Баравме клуб каде што нашите млади играчи би можеле да напредуваат. Во исто време сакаме да му помогнеме на клубот и на градот да се развиваат.
Војводина е историски клуб, не само како спортско друштво, туку и во кошарката. Со Драгољуб Збиљиќ и Жељко Ребрача постигнавме договор бидејќи гледаме дека имаат спортски и деловен пристап“, изјави Камењашевиќ.
За Војводина ова може да биде значаен чекор напред. Новосаѓани веќе неколку сезони се обидуваат да стигнат до АБА лигата, но досега не успеваа да го направат последниот чекор.
Соработката со Дубаи би можела да им донесе финансиска, организациска и кадровска поддршка, како и можност млади кошаркари од шампионот на АБА да се развиваат во дресот на Војводина.
Дубаи за само две сезони успеа да стигне до титулата во регионалното натпреварување, а амбициите дополнително ги потврди со летните засилувања. Во клубот пристигнаа Торнике Шенгелија, Ели Окобо, Џерон Блосомгејм и Махмади Диаките.
Камењашевиќ, сепак, не се согласува дека успехот на Дубаи е резултат исклучиво на финансиската моќ.
„И други вложуваа, па не го постигнаа истото. Ова е голем град кој е гладен за спорт и кошарка. Во Дубаи живеат околу 100.000 луѓе од нашиот регион и многу повеќе сме поврзани со АБА лигата отколку што се мисли“, порача тој.
Во меѓувреме, Војводина минатата сезона настапуваше во АБА2 лигата, но натпреварувањето го заврши во четвртфиналето, каде што беше елиминирана од Хелиос Домжале. Соработката со Дубаи сега може да им даде дополнителен импулс во обидот конечно да стигнат до најсилното регионално друштво.


