• Горан Упале

Екипата на Вардар ја забележа првата победа во плеј-аутот од кошаркарскиот шампионат, откако во самиот финиш постигна кош за победа над Шкупи (87-85). Сепак, триумфот на веќе новиот второлигаш остана во сенка заради немили настани.
<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Првата победа на Вардар над Шкупи во сенка на масовна тепачка!
По завршувањето на средбата изби масовна тепачка, во која учествуваа членови на двете екипи. Од таборот на Шкупи сметаат дека нивниот клуб се соочува со континуирана неправда, но најавија дека нема да се предадат.
„Kому му пречи КК Шкупи? Во Македонија кошаркарскиот клуб Шкупи се соочува со континуирана неправда. И покрај посветеноста и успехот на теренот, се чини дека некој го попречува растот и јакнењето на овој горд клуб. Врвот на неправдата се случи на последниот натпревар од Првата лига, каде покрај неправедниот притисок од судиите во текот на целата сезона и катастрофалното судење, кое не изостана на натпреварот со Гостивар на кој нашиот тим беше украден и ѝ беше одземена победата. Но, не завршува тука приказната. Однапред знаевме дека и на овој меч против Вардар ќе имаме исто сценарио, но се случи невиден напад од страна на целиот тим на КК Вардар, на чело со тренерот Јованчев, кој е селектор на репрезентација на Македонија.
Тој се дрзна со своите играчи и дел од тренерите да нападнат двајца наши членови. Замислете 14 против двајца и сцени на брутално насилство. Сето ова се случуваше пред припадници на МВР, кои едноставно гледаа без да се обидат да спречат линчување.
Кој го попречува успехот и посветеноста на КК Шкупи? Зошто неправдите и провокациите се зголемуваат секогаш кога нашиот клуб прави чекори напред?“, меѓу другото пишува во објавата на КК Шкупи.
Инцидентите траеја долго, а по некое време се смирија, благодарение на кошаркарите и на останатите членови кои ги вадеа актерите од теренот.