Нова ера во КК Пелистер: Одбрани искусен тренер, нов претседател и спортски директор!

Кошаркарскиот клуб Пелистер влегува во нова ера, откако на редовното годишно собрание ги избра новите раководни структури и го именуваше Тане Спасев за нов шеф на стручниот штаб, како и нови челници.

Нов претседател на битолскиот клуб е Бојан Давков, поранешен капитен на Пелистер, додека функцијата спортски директор ќе ја извршува Предраг Созовски, кој во минатото беше дел од клубот и како кошаркар и како тренер. Избран е и нов борд на директори, а единствен акционер останува Општина Битола по заминувањето на доскорешниот спонзор.

Првата одлука на новото раководство беше изборот на нов тренер. На клупата на Пелистер седнува искусниот стратег Тане Спасев, кој по долг период работа во странство се враќа во македонската кошарка. Спасев беше асистент во украински Кривбас и турски Турк Телеком, ги водеше полските Асеко Проком и Легија Варшава, а беше дел и од стручниот штаб на руски Химки како помошник на Душко Ивановиќ. Во Битола пристигнува по ангажманите во Романија, каде ја водеше репрезентацијата до 20 години, и во полски Лоѓ, каде работеше до март годинава.

Новиот стратег потпиша едногодишен договор и веќе започна со составување на екипата за сезоната 2026/27. Од клубот најавија дека првите засилувања веќе се договорени и наскоро ќе бидат официјално претставени. Официјалната промоција на Тане Спасев како нов тренер на Пелистер ќе се одржи на почетокот на подготовките во Битола.