КК Пелистер прифати да игра во АБА2, најавени нови големи засилувања

Не им требаше долго на челниците на КК Пелистер да одлучат дали ќе прифатат да настапат во АБА2 лигата, Денес од Битола пристигна потврден одговор и најуспешниот тим во регуларниот дел на сезоната ќе ја претставува Македонија во второто по ранг натпреварување во регионот заедно со првакот МЗТ Скопје

„На мое големо задоволство, прифатена е поканата за настап во АБА2 лигата. Ова натпреварување ќе биде голем предизвик како за кошаркарите, тимот и стручниот штаб, така и за нас како управа и сигурна сум дека ќе ја оправдаме довербата“, ни рече претседателката на Пелистер, Мери Ковачевска.

Клубот имаше краток период да одлучи, па по консултација со спортската структура, акционерите и спонзорите, одлучи да го прифати предизвикот. Пелистер значително ќе го зголеми буџетот, ќе го засили играчкиот кадар и ќе игра наизменично во домашното првенство и во АБА2 лигата.

Веќе во следните неколку дена се најавува потпис на неколку македонски кошаркари, некои од нив и репрезентативци, а веќе во Битола пристигнаа Младеновиќ и Чиз. Од ланскиот ростер продолжени се договорите на Кесар, Трајковски, Стајиќ и Николиќ.

Клубот прецизираше дека настапот во АБА2 лигата не е покана и вајлд-карта, туку стекнат е со својот настап и првото место во регуларниот дел на шампионатот на Македонија 2020/21. Не се знае како ќе се игра АБА2 лигата следната сезона, но голема е веројатноста тоа да биде пак еднокружен систем и турнирски со 16 екипи во натпреварувањето.