КК Пелистер посакува полни трибини, одреди примамлива цена за сезонски билет!

Македонскиот кошаркарски вицешампион, Пелистер, не само што од година во година го зголемува квалитетот во својот ростер, туку и значително се подобрува на организациски план.

Оваа сезона битолчани за првпат ќе гледаат меѓународни натпревари на Пелистер во салата „Боро Чурлевски“, па раководството на клубот реши да воведе сезонски билет, кој има примамлива цена. За сите натпревари на „зелено-белите“ на домашен терен во Првата лига и во АБА2 лигата, сезонскиот билет ќе чини само 2.000 денари.

„Кошаркарскиот клуб Пелистер ќе ги пушти во продажба сезонските билети за наредната сезона, во која нашите „зелено-бели“ ќе се натпреваруваат во домашното првенство и во АБА2 лигата. Составен е квалитетен играчки ростер со тренер кој знае како се освојуваат трофеи, па веруваме дека се исполнети предусловите, за со Ваша поддршка да стигнеме до првиот пехар во клупската историја. 

Затоа, се надеваме на полни трибини во салата „Боро Чурлевски“, за сите заедно да ги испишеме најуспешните страници во клупската историја. По одлука на управата, цените на билетите за следната сезона ќе изнесуваат:  Сезонски билет за сите натпревари во Првата лига и во АБА 2 до крајот на сезоната – 2.000 денари. Единечен билет за Првата лига – 100 денари. Единечен билет за АБА2 – 200 денари“, стои во објавата на клубот на социјалните мрежи.

Пелистер својот прв натпревар во АБА2 лигата го игра на домашен терен против Широки, на први октомври и тоа токму во Битола.