КК Пелистер: Имаме клуб на здрави темели, ја научивме лекцијата сезонава

Кошаркарскиот клуб Пелистер објави соопштение во кое ги сумира впечатоците од актуелната сезона во која тимот застана во четвртфиналето на серијата во македонската кошарка, а не успеа да дојде и до трофеј во Купот.

Од раководството потенцираат дека сите ги научиле лекциите од грешките во актуелната сезона, а се тврди дека клубот е на здрави темели и резултатите ќе дојдат сами по себе наскоро.

„Оваа натпреварувачка 2024/25 заврши за КК Пелистер, резултатски не онака како што посакувавме.

По три финалиња во низа во плејофот и едно во Купот на Македонија, оваа сезона бевме запрени во четвртфиналето од Работнички, во нашиот најдобар меч сезонава во кој еден шут пресуди наместо во полуфиналето, предвреме да го завршиме настапот во плејофот.

Разочарувањето е големо затоа што и амбициите со кои влеговме во оваа сезона беа огромни. Посакувавме да донесеме прв трофеј во кошаркарска Битола, за клубот да продолжи да чекори напред резултатски, како што тоа го прави и на организациски план.

За жал, резултатите на терен изостанаа, без оглед на големата поддршка што ја чувствувавме од спортска Битола, за време на нашите домашни натпревари, но и севкупно со атмосферата што беше создавана во градот во изминатите десетина месеци, во која кошаркарите се чувствуваа дел од големото „зелено-бело“ семејство.

Токму оваа врска што ја чувствуваме со Битола и со „Чкембари“ ја прави уште поголема нашата желба, да се вратиме уште подобри и да сториме се за да го оствариме сонот за кошаркарски трофеј во Пелистер.

Поставивме клуб на здрави темели, како ниту еден друг во мак-баскетот и не се сомневаме дека резултатите ќе дојдат. Лекцијата од оваа сезона е научена, грешките нема да бидат повторени, а со квалитет на терен и врвна поддршка од трибини каква што имаме од битолчани, имаме право да веруваме – дека следната сезона ќе биде сезона на КК Пелистер.

Се гледаме на стартот на 2025/26, со многу повеќе причини за радост за спортска Битола.“, велат од Пелистер.

Оваа сезона Пелистер го водеа двајца тренери. Актуелен предводник е Дејан Илиевски, за кого се најави дека ќе го води клубот до крајот на оваа сезона.