КК Медика Карта најавува голем настан и продолжување на трендот со млади кошаркари

Во својата прва сезона во Втората лига – Запад, младиот битолски клуб Медика Карта Битола ја исполни зацртана цел и опстана во единствената Втора лига за сезоната 2021/22. Клубот кој зад себе ја остави само првата сезона во натпреварувачки систем се стреми да стане развоен центар за млади кошаркари во овој регион, па со овој добар резултат го направи првиот чекор.

„Ја исполнивме целта, што за клуб кој првпат се натпреварува во систем на Кошаркарската федерација на Македонија е за пофалба. Сакам да им се заблагодарам на сите чинители на резултатот, од кошаркарите, стручниот штаб и управата, до оние кои ни помагаат за да се развиваме како млад колектив. Сезоната беше необична, пред празни трибини и со изненадувачки резултати, но научивме многу од нашето прво искуство и спремни сме да започнеме ново, во кое ќе бидеме многу посилни“, ни рече претседателот на Медика Карта Битола, Мартин Јовановски.

Од следната сезона ќе биде многу потешко за секој второлигаш да обезбеди бодови во било кој натпревар, биде лигата ќе биде компетитивна и изедначена. Она што е за издвојување е присуството на градски клубови и сериозни проекти.

„Следната сезона ќе биде исклучително тешка. Многу познати кошаркарски центри подготвуваат проекти за промоција во Првата лига, па нема да биде едноставно да се игра. Ние уште од денес започнуваме со работа, започнување со екипирање и планирање на следната сезона, во која ќе бидеме поквалитетни и поорганизирани“, вели Јовановски.

КК Медика Карта наскоро ќе објави со кои адути ќе се насочи кон следната сезона, а со тоа и какви се плановите за шампионатот 2021/22. Од управата на клубот најавуваат и многу изненадувања, организација на големи настапи, анимирање на младите да ја изберат кошарката, а со тоа и КК Медика Карта, клуб кој се стреми да ги собере младите таленти од регионот.