КК Гостивар: Не отстапуваме, ќе продолжиме да се бориме со неправдите и ќе ја информираме ФИБА

По најавата во текот на денот, КК Гостивар доцна вечерва одржа вонреден состанок на Управниот одбор по кој донесе заклучоци кои ги сподели со јавноста. Гостиварчани сметаат дека им е нанесена голема неправда во полуфиналето на Купот на Македонија во Гевгелија и натпреварот против Блокотехна кој го загубија во драматичен финиш. Сепак, нема да отстапат од лигата, туику ќе се борат против неправдата и ќе ја информираат и ФИБА за спорните случки на завршницата од Купот на Македонија. 

  • Соопштението ви го пренесуваме во целост: 

„На состанок на Управниот одбор на Кошаркарскиот клуб Гостивар, кој вонредно заседаваше после случувањата и елиминацијата на КК Гостивар од Куп-натпреварувањето, на кој единствена точка на дневен ред беше понатамошното учество во Суперлигата се донесе следниот заклучок:

Земајќи ги во предвид до сега вложениот труд, напори, финансии, љубовта на градот кон спортот, обврските кон верната публика која е нашата сила, КК Гостивар ќе продолжи да се бори против сите неприродни сили кои се појавуваат во кошарката и спортот. Гостивар ќе има кошарка!

Иако, наспроти наведеното од другата страна имаме федерација каква што имаме, иако на националниот Куп судиите се делегираат во Мрзенци, иако арбитражата на тие судии ја виде целата јавност само не тие што треба, иако делегатот по своја или туѓа волја немаше никава забелешка за играњето фудбал, во ниту еден момент во таа тензична атмосфера каде се промовира фер-плеј не се прегледа ниту една спорна ситуација на која им се сугерираше, иако денес во Струмица беа нападнати М14 младинците на КК Гостивар од страна на делегираниот делегат на МКФ, иако во нормалниот свет после вакви скандали има оставки и суспензии. Сето ова во интерес на кошарката ќе биде предочено на ФИБА.

Благодарност до сите кои не поддржаа после натпреварот во Гевгелија“.