КК Црвена Звезда пак „удри“ по АБА: Со кошарката во регионот владее мафија

Екипата на Црвена Звезда не успеа да направи „брејк“ на гостувањата во „Морача“ и овосезонскиот шампион во АБА лигата ќе биде решен преку „мајсторка“ која ќе се одигра во Белград.

Како и на секој натпревар меѓу Црвена Звезда и Будуќност, така и на синоќешниот имаше голема тензија и борба на паркетот, а по минималниот пораз „црвено-белите“ одново ја нападнаа регионалната лига, велејќи дека со кошарката во регионот владее мафија која што сака го режира крајот на натпреварите.

„Четирите натпревари од финалната серија беа сè, само не вистинска и фер кошаркарска битка за најдобриот во регионот. Поради тоа, КК Црвена Звезда нема повеќе да трпи неправди и грабежи кои ќе ја уништат АБА лигата. 

Секој оној кој ги гледаше третиот и четвртиот натпревар од финалната серија во Подгорица им е јасно дека со кошарката во регионот владее мафија која сама го режира крајот на натпреварот. Не се бираат начини како да се дојде до целта, и тоа трае веќе со години. За нив кошарката, АБА лигата, фановите, гледачите... не се важни. Важни им се само сопствените интереси“, меѓу другото стои во соопштението на српскиот шампион.

Будуќност на синоќешниот дуел во Подгорица извојува минимална победа од 81-80, со поени постигнати буквално во самиот финиш.