• Мартин Танасковски


„Нашите идни шампиони“ продолжува со нова серија приказни за младите спортисти кои ја градат иднината на македонскиот спорт. Powerade и Gol.mk повторно им даваат простор на оние кои допрва треба да го кажат своето име на големата сцена.
Во второто издание на оваа кампања, запознаваме осум перспективни македонски спортисти, млади луѓе кои секојдневно тренираат, се жртвуваат и растат низ спортот. Преку нивните лични приказни, откриваме и дел од спортскиот живот невидлив за публиката: поддршката од семејството, влијанието на тренерите, борбата до првите успеси, соништата и предизвиците на патот кон врвот.
Со оваа кампања, Powerade продолжува да ја истакнува важноста на вистинската поддршка во најсензитивните години од развојот на еден спортист. Затоа, следете ја новата генерација која доаѓа и бидете сигурни дека македонскиот спорт има светла иднина.
Во најновото интервју, Ви го претставуваме Коста Ќириловски (19), младински кошаркарски репрезентативец на Македонија, а од овој месец и за првпат член на поширокиот список на сениорскиот национален тим. Младото момче, кое беше дел од генерацијата која го освои пехарот на Европското првенство (Б-дивизија) во Скопје во 2024 година, од оваа сезона се враќа и во македонската кошарка, во дресот на Пелистер.
„Со кошарката како спорт започнав во второ одделение во основно училиште. Тргнав во тимот на Карпош Соколи, тогаш учев во „Јан Амос Коменски“ во Карпош. Мој најдобар другар во тоа време одеше на кошарка и ме повика да дојдам со него. И јас другар како другар, веднаш прифатив. Така започнав со овој спорт. Потоа тој се откажа, а јас продолжив да играм и денес сум дел од овој спорт во кој уживам. Семејството и околината ми беа голема поддршка на мојот кошаркарски пат. Татко ми многу влијаеше да останам дел од кошарката, затоа што беше моја голема помош и секогаш ме носеше на тренинзи и на натпревари“, започна Ќириловски.
Младиот кошаркар во продолжението сподели повеќе и за почетоците на неговата кариера, како и изборот на позиција.
„Некое време играв во тимот на Карпош Соколи, а потоа заминав во Водно Санс, тука се задржав најдолго. Тоа беше некаде 2017 година кога дојдов во екипата. Бев дел од клубот до 2024 година, ги минав сите младински категории. Паралелно со младинските клубови, играв и за младинските репрезентации на Македонија. Во моментов, играм како крило, во младинците ме испробувале и на „тројка“ и на „четворка“, но тренерите секогаш сакале повеќе да играм со топката, затоа што имав добра контрола“, додаде македонскиот кошаркар.
Младинската репрезентативна кошарка во 2024 година го имаше еден од поголемите успеси во поновата историја откако го освои Европското првенство (Б-дивизија) кое се одржа во Скопје. За Ќириловски, тоа е еден незаборавен момент кој вечно ќе го памети и носи со себе. Благодарение на добрите настапи во младинските селекции, Ќириловски од оваа година за првпат е и на поширокиот список на сениорскиот тим предводен од Шпанецот Берокал.
„Како најголем успех досега лично го гледам пехарот на Европското првенство Б-дивизија кој го освоивме во 2024 година во Скопје. Тоа беше еден одличен и убав настан пред домашна публика, на кој одигравме супер првенство како тим. Успесите со Македонија секогаш ми се најдраги и ги доживувам најемотивно, затоа што ја претставуваш сопствената држава, сопствениот народ, носиш еден тежок дрес кој претставува одговорност. Најдраг момент досега во кариерата ми е баш тоа освоено првенство во Скопје. Сега сум на поширокиот список и за сениорската репрезентација, за првпат сум дел од тимот. Дресот на Македонија едноставно е нешто свето, секој кој има прилика не смее да го одбие, мора да игра и да се докаже. Треба тој дрес да се носи и да се брани со гордост и да дадеш сè што имаш за него“, вели тој.
Трофејот на Европското првенство во Скопје на младиот македонски кошаркар му отвори и нова врата, тоа е интернационален трансфер во Игокеа од Босна и Херцеговина. За него, тоа било добро искуство во регионалната кошарка.
„По тоа Европско првенство У18 во Скопје, на кое направивме успех, заминав во странство. Бев дел од Игокеа од Босна и Херцеговина. Таму минав две години, втората година играв за Студент Игокеа и за У19-тимот со кој бевме дел од АБА-лигата. Заедно со мене беше уште еден македонски репрезентативец од таа генерација, тоа е Марко Лукановски. Исто така, го освоивме и првенството на Република Српска. По настапите во Босна и Херцеговина, кои беа едно убаво искуство за мене како кошаркар, се вратив во Македонија. Бев на позајмица во Кожув од Гевгелија, а сега имам нов клуб и предизвик, тоа е Пелистер од Битола. Се надевам на добра тимска и индивидуална сезона, да го дадеме сите максимумот, да бидеме здрави и да се пласираме во плеј-офот. Имаме млад тим, добар тренер кој знае да работи со млади играчи и посакувам успеси и добри игри“, ни раскажа Ќириловски.
Македонецот ни ги откри и мечевите кои ќе ги памети засекогаш како значајни моменти во својата кариера. Како прв голем настан го памети У15-финалето, а како најзначаен досега го издвои Европското првенство Б-дивизија во Скопје на кое Македонија стана шампион.
„Натпревари кои не се забораваат? Еве би го издвоил едно У15-финале кога бев во Водно Санс, можеби за првпат нешто поважно беше тоа за мене како кошаркар, против екипата на Вардар. Го загубивме тој меч, но ете ми е останат во некое сеќавање. Секако тука главни за извојување се мечевите на Европското првенство во Скопје за играчи до 18 години на кое станавме шампиони.“
На крај на интервјуто, Ќириловски откри кој тренер кај него оставил најголема трага, на кој Македонец и странец се огледува, како и амбициите и желбите за периодот кој му следи.
„Од тренерите, голема трага кај мене остави Горан Андреевски, со кого работев многу долго време. Од нашите кошаркари, ќе го споменам Перо Антиќ кој ми е домашен идол – исто така тој многу ми помогна за да заиграм во тимот на Игокеа од БиХ и сум му многу благодарен за тоа. Од странските имиња, многу го следам Лука Дончиќ, додека од клубовите ја сакам Црвена Звезда. Во блиска иднина, се гледам во некој колеџ во НЦАА-лигата во Соединетите Американски Држави. За понатаму, како и на секој млад играч, желба ми е еден ден да заиграм во Евролигата или НБА-лигата. Остварување на детскиот сон? Трофеј во Евролигата!“, заврши македонскиот репрезентативец.