• Саше Љолес
Преговорите меѓу АБА лигата и 63-те кошаркарски судии продолжуваат, а двете страни се поблиску до договор за старт на сезоната.
Судиите се подготвени да ја прифатат понудата од 700 евра по натпревар, но само како дел од повеќегодишен договор. Тие предлагаат две опции: 700 евра оваа и 850 евра следната сезона, или 750 евра оваа и 800 евра следната сезона.
Судиите бараат и зголемување на дневниот надомест за оброк на 50 евра, повисока километража, признавање на нивното здружение и усвојување на договорените измени во правилникот.
Тие се откажаа од барањето за бонуси за претстојната сезона, додека за идните бонуси би се преговарало дополнително.
Конечниот договор сè уште не е постигнат, а топката сега е на страната на АБА лигата. Првото коло веќе е одложено, па останува да се види дали последното приближување ќе биде доволно за сезоната конечно да започне.

