Кино Влае со одличен настап на два 3х3 турнири во Германија

Како дел од подготовките за претстојниот ФИБА Челенџер во Хамбург, заедно со најдобрите светски екипи вклучувајќи ги Рига – освојувачите на првото олимписко злато во баскет 3x3, екипата на Кино Влае настапи на два дополнителни турнири во Германија и оствари значаен резултат на двата.

Баскетџиите настапија на последниот турнир од Германската лига во Хановер, каде што после победите над Тим Брисел (Белгија) и неколку германски екипи, загубија во полуфиналето од екипата на Фрајбург. Тимот беше составен од Христијан Ристов, Марко Дујковиќ, Дарко Димковски и Димитри Џими Лазаревски. Сепак, освоеното трето место на овој турнир им обезбеди пласман на финалето на германската турнеја кое се играше следниот ден.

На завршниот турнир на Германската лига, екипата на Кино Влае настапи со една измена во составот: Христијан Ристов, Марко Дујковиќ, Ендрју Џонс и Димитри Џими Лазаревски. Откако ги поминаа групите, во четвртфиналето ги очекуваше најдобро рангираната екипа на турнирот – Билефелд во која играат двајца германски репрезентативци. Екипата на Кино Влае одлично го отвори натпреварот, поведе со 10-1, предност која успеаа да ја одржат до крајот на натпреварот и да победат со резултат 20-16.

Следниот предивзик во полуфиналето беше младата екипа на Антверп, која беше совладана после исцрпувачка борба со резултат 15-9. Финалниот натпревар беше неизвесен до последните моменти, но противникот Дизелдорф успеа да го надмине водството на екипата на Кино Влае од 15-14 и да ги совлада со краен резултат 17-20.