Кино Влае до сребро во Србија, следат елитни турнири низ Европа

Нашата најреномирана 3x3 екипа Кино Влае учестуваше на Рода првенството на Србија во Митровица, со малку изменет состав и го освои второто место и сребреното одличје.

Во финалето загубија од повеќекратниот победник, воедно и домаќин на турнирот, екипата Hill Top. Екипата на Кино Влае составена од Христијан Ристов, Милорад Миновски и Блажо Митков беше придружена од Фатјон Реџа кој го замени Марко Дујковиќ, кој се уште се нема приклучено на подготовките после добрата сезона во Шведска и освоената награда за најдобар центар.

Ова го означува почетокот на подготовките на екипата Кино Влае, во лето каде што ги очекуваат турнири на домашната сцена, но и многу меѓународни турнири во соседните земји.

Освен тоа во зависност од распоредот и обврските екипата подготовките може да ги одработи и со кратки посети на елитни турнири во Германија, Шведска, Франција, Шпанија, Виетнам и Америка каде што имаат директни покани од организаторите.

Менаџерот Димитри Лазаревски изјави дека екипата ги разгледува сите опции за интернационални турнири и се обидува да направи оптимален план за летото, во кое сакаат да изиграат што повеќе турнири на меѓународната сцена, а дополнително размислуваат за едно странско засилување со докажано реноме.