• Саше Љолес
Еден од најдобрите стрелци на Басконија оваа сезона, Хамиду Диало, би можел по само неколку месеци да се врати во Кина. Според најновите информации, Американецот добил многу финансиски привлечна понуда од кинески клуб и веќе ја прифатил.
Диало пристигна во Басконија во септември, токму од Кина, а иако потпиша договор до летото 2027 година, во него постои клаузула што му овозможува да ја напушти Виторија во случај на пристигнување на сериозна понуда.
Со просек од 12,1 поен во Евролигата, Диало е еден од најдобрите стрелци на шпанскиот тим оваа сезона и заедно со Тимоте Луваву-Кабаро го носи офанзивниот товар. Неговите настапи не останаа незабележани, па изгледа сè пореално дека Американецот ќе се задржи кратко во Европа.
Како што се дознава, Диало е подготвен да се врати во Кина, а останува само формално да се официјализира неговиот раскин со Басконија. Шпанскиот тим сега се наоѓа во незгодна ситуација и ќе мора брзо да реагира и да пронајде замена во важен период од сезоната.
Басконија во Евролигата има учинок 4-9 и во обид да го поправи слабото отворање на сезоната ќе се обиде да дојде до победа против Олимпија Милано, во дуел што овој петок се игра во Виторија.








