КФСМ ќе ги покрие трошоците за ПЦР-тестови на сите сениорски екипи

Кошаркарската федерација на Македонија објави информација до јавноста и клубовите, дека ќе ги сноси трошоците за ПЦР тестирањето кое беше наложено од страна на владата. 

Новите ковид-протоколи бараат негативни тестови на сите играчи и членови на стручниот штаб во склоп на спортските колективи пред сите натпревари во Македонија. КФСМ реши да им помогне на клубовите и ќе ги покрие трошоците за тестови во машката и женската Прва лига, како и Втората машка лига. 

„Ве известуваме дека КФСМ до сите клубови учесници во Прва лига-мажи, Прва лига-жени, и Втора лига-мажи, вклучени во системот за натпреварување во сезоната 2020/21, ќе достави рапид ПЦР тестови за детекција на заразната болест ковид – 19.

Тестирањето пред секој натпревар треба да биде спроведено од страна на лиценцираниот доктор на екипите, а резултатите да бидат испратени до канцеларијата на сениорски лиги“, стои во соопштението. 

Протоколот наведува 24 часа пред натпреварот да бидат изнесени резултати од тестовите, а истите ќе ги спроведат клупските доктори во екипите. Така, спортските активности во кошаркарските првенства продолжуваат непречено и според планот, во очи завршницата на сезоната.