КФСМ не доби дозвола: Македонија – Словачка без присуство на гледачи

Македонија со победата над Швајцарија во нивната втора пресметка во Скопје си обезбеди квалификации за Светското првенство во 2023 година, а вечерва го игра последниот натпревар од претквалификацискиот турнир.

Наш противник ќе биде селекцијата на Словачка, а од кошаркарската федерација информираат дека овој дуел во „Јане Сандански“ нема да биде отворен за навивачите, односно ќе се одигра без присуство на публика.

„Македонската кошаркарска федерација направи сè за да добие дозвола за организација на овој последен натпревар од претквалификациите со присуство на гледачи. Искрено жалиме поради одлуката овој важен натпревар да се одигра без присуство на гледачи.

По добивањето на препораките, односно најновите мерки за заштита од ковид-19, донесени од страна на здравствените и државни авторитети, федерцијата одлучи дека стриктно ќе ги почитува најновите одлуки кои се однесуваат на протоколите за организација на официјални натпревари во затворен простор“, велат од КФСМ.

Натпреварот меѓу Македонија и Словачка се игра вечерва од 19:00 часот.