КФСМ и клубовите ги решија недоразбирањата за бројот на странски кошаркари

По повод иницијативата на Здружението на прволигаши за промена на членот од регистрацискиот правилник за минимален број на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар, Кошаркарската федерација на Северна Македонија организираше неколку состаноци, на кои присуствуваа и членови на Асоцијацијата на кошаркарски играчи и претставници од клубовите кои ќе се натпреваруваат во Прва лига мажи.

По одржаните состаноци донесено е конструктивно решение кое ги задоволува интересите на играчите и клубовите и ќе придонесе за понатамошен развој на домашните кошаркари, ќе ги поттикне клубовите интензивно да инвестираат во младинските селекции, а при изборот на странски играчи критериумот за квалитет да биде на високо ниво.

„Клуб од Првата лига ќе има право на пријавување и настап на најмногу четири странски играчи во составот на еден натпревар, со настап не помалку од два домашни играчи во игра на целиот натпревар до завршување на регуларниот дел, Суперлигата и плеј-аут натпреварите. Во плеј-оф натпреварите (полуфинале и финале), како и во полуфиналните и финалниот натпревар во Купот нема да има ограничување на бројот на домашни играчи на терен во текот на целиот натпревар. Правилото ќе биде процедурално процесирано низ структурите на КФСМ и ќе има неколкугодишна примена“, истакна федерацијата.

Ова решевање на проблемот радува во пресрет на новата сезона, чии термини дополнително ќе бидат одредени.