• Мартин Танасковски

Кошаркарската федерација на Македонија објави конкурс за доделување вајлд-карта со која ќе биде пополнето едно испразнето место во машката Суперлига за сезоната 2026/27.
Одлуката следува откако во процесот на лиценцирање беше утврдено дека КК Чаир 2030 не ги исполнил условите предвидени со правилниците и актите на федерацијата за настап во највисокиот ранг на натпреварување. Со тоа скопскиот клуб не го реализира стекнатото спортско право за настап во Суперлигата, а неговото место останува празно.
Право на настап во новата сезона, според пласманот од минатото првенство, обезбедија МЗТ Скопје Аеродром, Маџари, Пелистер, ТФТ, Кожув, Тиквеш Голден Игл, Куманово, Работнички и Струмица 2001, која како шампион на Првата лига избори промоција во елитното друштво.
КФСМ нагласува дека Чаир 2030 не е исклучен од натпреварувачкиот систем, туку има можност да настапува во Првата лига доколку ги исполни сите финансиски, административни и лиценцни обврски пропишани од федерацијата.
Согласно одлуката на Управниот одбор, клубовите од понизок ранг ќе можат да конкурираат за испразнетото место преку системот на вајлд-карта. Поднесувањето пријава не гарантира автоматски пласман во Суперлигата, а сите заинтересирани ќе треба да ги исполнат организациските, инфраструктурните, финансиските и административните критериуми за настап во елитата. Клубот што ќе ја добие вајлд-картата ќе треба да уплати надоместок од 40.000 евра во денарска противвредност на сметката на КФСМ, што претставува задолжителен услов за добивање право на настап.
Пријавувањето ќе трае од 10 до 20 август 2026 година, по што Комисијата за лиценцирање ќе ја разгледа доставената документација. Конечната одлука за пополнување на испразнетото место ќе ја донесе Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија.

