• Горан Упале
Кошаркарската федерација на Македонија изрази искрена благодарност до сите институции, организации и поединци кои дадоа огромен придонес во успешната организација на Европското младинско првенство во кошарка 2025 година во Скопје.
„Нашиот труд и посветеност беа препознаени и од ФИБА, која упати високи пофалби за организацијата и за начинот на работа на нашата федерација, а воедно беше врачена посебна плакета со признание за самата организација. Високи признанија добивме и од самите учесници – репрезентации и официјални делегации од странските земји – кои упатија благодарност и пофалби до Кошаркарската федерација на Македонија, истакнувајќи ја нашата гостопримливост, професионалност и создадената спортска атмосфера.
Посебна благодарност упатуваме до здравствените работници – Клиничка болница „Жан Митрев“ - Скопје, тимовите на Итната медицинска помош, лекарските екипи на арените и болничките служби, Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Благодарение на нивната подготвеност, брза реакција и превентивни протоколи, турнирот помина без ниту една посериозна повреда, со навремена и професионална грижа за секој учесник и посетител.
Овој успех не би бил можен без координираната поддршка на државните институции, локалната самоуправа, јавните претпријатија, безбедносните служби, спортските центри и арените, образовните и културните установи, како и на нашите спонзори и партнери.
Посебна благодарност им упатуваме и на медиумите, за нивното професионално, навремено и коректно информирање и следење на сите спортски настани поврзани со првенството. Искрено им благодариме на волонтерите, судиите, делегатите, службените лица, клубовите и целата кошаркарска заедница, кои со својата енергија и посветеност обезбедија беспрекорно функционирање на сите сегменти од натпреварувањето.
Со вакви заеднички напори, Македонија уште еднаш покажа дека спортот е место на заедништво, гордост и успех. Продолжуваме да работиме за унапредување на спортската инфраструктура, развој на младите таленти и негување на фер-плеј вредностите“, стои во објавата на КФСМ.
На ова големо натпреварување учество земаа вкупно 22 национални селекции, кои одиграа 81 натпревар во текот на турнирот. Овој импресивен обем на учесници и одиграни средби уште еднаш ја потврдува способноста на нашата земја да биде достоен домаќин на најзначајните спортски настани.