• Зоран Мишевски

Две сезони по ред српскиот центар Игор Кесар е меѓу најдобрите и најкорисните кошаркари во македонскиот шампионат. Ѕвездата на Пелистер со феноменални бројки крај своето име ги одведе „зелените“ до две плеј-оф завршници, од кои годинава и финална серија во четири натпревари против МЗТ Скопје.
Кесар има опционен договор со битолскиот клуб, но на негова адреса стигнаа неколку понуди од соседните земји. Најповолна е таа на романскиот прволигаш Темишвар, шестопласиран тим во романскиот шампионат по основниот дел од минатата сезона. Овој клуб е фаворит во борбата за потписот на високиот Србин.
Битолчани имаат предност во преговорите со Кесар, но уште не донеле дефинитивни одлуки околу клупскиот буџет и приоритетите. Се предвидува дека во тој правец следната недела ќе биде одлучувачка за пелистерци.
Кесар минатата сезона одигра 37 натпревари во македонското првенство и просечно бележеше по 18,8 поени, 6,4 скока и 2,4 асистенции со индекс 23.