• Саше Љолес
Кошаркарите на Пелистер доживеаја нов пораз во Европа Купот на ФИБА, откако вечерва беа поразени пред своите гледачи од тимот на Керавнос со конечен резултат 74-92. Македонскиот претставник сезонава првпат играше во европските натпреварувања, каде забележа скор од една победа и пет порази.
- Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Керавнос:
Присутните во салата „Боро Чурлески“ беа сведоци на меч во кој гостите скоро постојано беа во водство, па затоа сосема заслужено на крајот ги освоија бодовите. На паузата битолчани имаа негатива од 14 поени (42-56), а потоа ривалот одигра одлично и во третиот период, што резултираше со веќе недостижни +21 поен разлика.
Се обидоа избраниците на Борче Даскаловски во последната четвртина барем малку да го ублажат ударот, но немаа сили за нешто повеќе и го запишаа петтиот пораз во групата Д од натпреварувањето на ФИБА. Гостинската екипа уште повеќе го засили ударот во завршните минути, на крајот триумфирајќи со високи 74-92.
Пелистер остана со само една победа во групната фаза и ќе чека нови денови за подобро претставување на европската сцена.
Најдобар поединец кај битолчани беше Кевин Брејси-Дејвис со 16 поени, Вилсон додаде уште тринаесет, а на спротивната страна Никос Стилијану забележа 20 поени зад своето име.


