Кер: Не сме толку доминантни, мора да „изгинеме“ за златниот медал во Париз

Селекторот на репрезентацијата на Соединетите Американски Држави, Стив Кер, изјави дека неговата селекција не е толку доминантна како што сите мислат и рече дека тимот мора да игра максимално ангажирано против сите противници. 

САД имаа непријатна ситуација на пријателскиот меч со Јужен Судан и избегнаа пораз во самиот финиш, а Кер смета дека сите селекции напредуваат секојдневно и сакаат да го земат „скалпот“ на американскиот „дрим-тим“. 

„Кошарката не мирува, таа постојано еволуира. Сите репрезентации имаат неверојатни поединци кои можат да ги победад сите ривали. Секако дека на хартија има фаворити и аутсајдери, но и ние не сме толку доминантни како што можеби изгледа. 

Да, ќе биде разочарувачки ако не го освоиме златниот медал во Париз, но за да ја оствариме целта ќе мора добро да се испотиме и напорно да работиме на подготовките. Моите играчи се најдобри во светот, но некогаш и најдобрите знаат да загубат. Затоа, мора да сме внимателни и да не се доведуваме во непожелни ситуации“, рече Кер. 

Соединетите Американски Држави на Олимписките игри во Париз ќе играат во групната фаза против Србија, Порторико и Јужен Судан. „Дрим-тимот“ на Стив Кер важи за убедлив фаворит за освојување на најсјајното одличје.