„Кенгурите“ ја совладаа Франција со поени во последната секунда

Во последниот натпревар од групата Г на Светското првенство во кошарка во Кина, Австралија и Франција одиграа вистински трилер, во кој во игра беше само првото место во групата, со оглед на податокот дека двете селекции уште во саботата го визираа четвртфиналето по контроверзнииот триумф на „галските петли“ над Литванија.

  • Извештај од натпреварот: 

Австралија извојува победа од 98-100, благодарение на реализираните слободни фрлања на Мич Крик во последната секунда од натпреварот. Претходно се играше израмнето, двете селекции се менуваа во водството, а во последниот квартал неколку пати резултатот беше израмнет. 

Најефикасни поединци во победничкиот табор беа Милс со 30 и Инглс со 23 поени, а кај поразената селекција се истакнаа Фурние со 31 и Де Коло со 26 поени. Оваа победа за Австралијанците значи хипотетичко избегнување на Американците до евентуално финале.

Во останатите натпревари за пласман, Турција загуби од Нов Зеланд со 101-102, Црна Гора ја совлада Јапонија со 80-65, а Германија ја надигра селекцијата на Сенегал со 82-76.