„Кенгурите“ ја скокнаа Чешка и договорија полуфинале со Шпанија

Кошаркарската репрезентација на Австралија е последен учесник во полуфиналето на Светското првенство (СП) кое се игра во Кина, откако во мечот со европската селекција Чешка, фаворитот славеше со 82-70.

  • Извештај од натпреварот:

Чесите ги мачеа Австралијците едно полувреме (33-30), неизвесни беа и првите шест минути од третиот квартал (43-43), а потоа почна доминацијата на тимот кој сега е еден од фаворитите за највисок дострел на Мундијалот.

Разликата се направи поради серија од 14-0, со која Австралија дојде до предност од 57-43 и си го трасираше патот до триумфот. Во финишот, Чешка успеа да дојде на седум поени негатива (77-70), но Пети Милс играше беспрекорно и ја врати двоцифрената победа.

Најдобар на паркетот беше Милс со 24 поени, а Гулдинг постигна 14, додека кај Чешка прво име беше Ауда со 21 поен, додека Саторански постигна 13 поени.

Во полуфиналето, Австралија игра со Шпанија, додека Франција оди на мегдан со Аргентина.