• Иван Димовски

МЗТ Скопје мора да размислува само на победа во пресметката од осмата рунда на АБА лигата против Мега Лекс. Дуелот во Аеродром може да биде пресвртница на сезоната, меѓутоа за да се победи српскиот ривал потребна е енергичност. Токму тоа го посочи и организаторот на играта на „штрковите“ Мајк Кефи.
„Играњето пред домашната публика секогаш носи дополнителен предизвик и мотив да го дадеме својот максимум, за да ги израдуваме навивачите со добра игра победа. Против себе имаме млад и брз колектив, што значи дека ќе мора да одговориме на нивната полетност и енергија. Ако дадеме сè од себе и одговориме на барањата на тренерот, сигурен сум дека ќе бидеме блиску до посакуваната цел, а тоа е победата“, кажа Кефи.
Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ меѓу МЗТ и Мега е закажан за в недела од 21:00 часот.