Карпош Соколи замената за Вркиќ ја пронајде во Србинот Чомагиќ

Актуелниот освојувач на кошаркарскиот Куп на Македонија, составот на Карпош Соколи денес доби ново засилување во името на српскиот интернационалец Жарко Чомагиќ, кој потпиша договор со важност до крајот на сезоната.

Станува збор за исклучително искусен 31-годишен кошаркар, кој сезоната ја почна во дресот на романскиот прволигаш Орадеа, а пред да дојде во таборот на „соколите“ одигра и три натпревари за ОКК Београд во првенството на Србија. Претходно во кариерата има играно за екипите на Војводина, Познањ, Торун (Полска) и Фалко Тренд-оптика од Унгарија. Првите кошаркарски чекори ги направи во САД и тоа во редовите на Универзитетот Северна Аризона.

Чомагиќ игра на крилната позиција и доаѓа на местото на посериозно повредениот Зоран Вркиќ, за кого сезоната е веќе завршена, поради скинати предни вкрстени лигаменти на коленото. Србинот нема право да игра во преостанатите два натпревари од АБА-лигата, но ќе биде од голема помош за тренерот Драган Николиќ во обидот да се дојде до шампионската титула во домашното првенство.